Дали е возможно да се биде опкружен со насилство, финансиски и економски кризи, да се биде болен и сиромав, а сепак да се чувствува благодарност и да се биде оптимист? Примери на некои луѓе покажуваат дека тоа е возможно, а тие тоа не го постигнале благодарејќи на своето генетско наследство или карактер, туку со својот избор како ќе гледаат на светот. Психолозите оптимизмот го дефинираат и како апсолутен доказ на живеење, бидејќи луѓето на тој начин се обидуваат да дадат сѐ од себе за на својот животот да му дадат смисла и цел, и покрај сите маки низ кои минуваат. Оптимистите се свесни дека нештата не можат да се променат преку ноќ, но не им се предаваат на црните мисли и сценарија.
Квалитетни релации
Да се размислува и да се гледа позитивно на светот и да се биде наклонет кон очекување на најдобриот можен исход, воопшто не значи да се биде несвесен за реалноста во која живееме. Психолозите сметаат дека секој, па и најголемиот песимист може да стане оптимист, доколку ги елиминира негативностите од својот живот, барем оние на кои може да влијае – негативни луѓе, мисли, емоции, но и теми. Наместо тоа, добро е да се биде опкружен со позитивни и инспиративни луѓе, на кои им значи да градат квалитетен однос.
Бидете вредни
Не дозволувате вашите оптимистички очекувања да ве спречат напорно да работите. Визијата за успехот може да ви помогне да го достигнете, но тоа не значи и дека до врвот ќе стигнете без борба. Вашите размислувања многу влијаат на вашето однесување, па затоа не мислете „ова е лесно“, туку потсетете се дека треба напорно да работите. Колку повеќе работите, толку е поголема веројатноста дека ќе дојдете до целта.
Не се преценувајте
Здравата самодоверба е добра, но комплексот на супериорност може да ве саботира. Доколку оптимизмот ги премине границите тогаш преминува во ароганција. Без разлика колку сте добри во она што го работите секогаш можете да биде уште подобри. Осознајте ги сопствените потенцијали и оставете простор да ги зголемите.
Позитивни мисли и дела
Некои сметаат дека е доволно само да се мисли позитивно и работите сами од себе ќе се одвиваат. Позитивното размислување помага да се почувствуваме добро, но не може да го промени светот. Размислувањето – „јас можам“, единствено помага само ако ве поттикнува. Треба да ги комбинирате позитивните мисли со позитивни дела, ако сакате да постигнете позитивни резултати.
Имајте план Б
Секогаш е мудро да се има резервен план. Многу често оптимистите велат дека работите сами од себе ќе се средат. Но колку и да сте полни со надеж, мудро е да се има резервен план. Без разлика колку сте сигурни дека нешто лесно ќе се заврши, секогаш бидете подготвени и за другата опција.