Како да се преброди ПМС – период кога хормоните полудуваат!

Како да се преброди ПМС - период кога хормоните полудуваат!
Во текот на месецот секоја жена има фази кога „лудува“ од глад. Сепак, има решение како да се преброди овој период кога хормоните дивеат

Понекогаш се чини дека еден ден во животот на секоја жена е еднаков на невозможна мисија. Обврски на работа, дома, рекреација, дружење, предизвици на родителствотото…. мноштво на обврски кои жените успеваат маестрално да ги усогласат. И сето тоа го успева благодарение на сопствената умешност.

Сепак се случува во одредени денови од месецот наеднаш да и недостига енергија и концентрација. Во тие денови чувствува неконтролирана потреба за храна, за слатки и продукти за кои на своите деца редовно им вели дека се многу штетни…. и маѓепсаниот круг се отвора.

Во тие денови ѝ треба повеќе сон, одмор, мир и помош, бидејќи е успорена и не личи на себе. Потребна ѝ е помош, добар совет како најбезболно да го преброди овој период и да се врати во форма.

Отоци и главоболки

За предменструалниот синдром (ПМС) кој кај повеќето жени трае до десеттина дена, до почетокот на менструацијата се поврзуваат околу 150 симптоми, меѓу кои најчести се незадоволство со своето тело, безволност, промени на располжението, отоци во пределот на рцете и нозете, грчеви во стомакот, како и неиздржлива потреба за слатко и брза храна. Главен виновник за овие тегоби е прогестеронот. Високите вредности на овој хромон, во периодот од 14 до 21 ден од циклусот, доведуаат до компулсивно прејадување бидејќи нивото на естрогенот, хормонот кој го намалува апетитот, во ПМС фазата е ниско.

Нивото на естрогенот кулминира во 14 ден од циклусот, кога жената се чувствува најпривлечно, има најголема сексуална желба и може сѐ, барем така мисли. Но, по овулацијата приматот го зема прогестеронот кој царува до 21 ден во месецот. Покрај сите спомнати тегоби кои ги предизвикува, од кои засилениот апетит кај повеќето жени е примарен, тој влијае и како седатив, па оттука е чувството на поспаност, неактивност, недостиг на сон. Од 21 до 28 ден жената се чувствува лабилно, расположението постојано ѝ се менува бидејќи тогаш расте нивото на тестостерон, машкиот хормон.

Зголеменото внесување на храна по правило е проследено со низа дигестивни реакциикако што се надуеност, лошо варење, гасови, болки во горниот дел од стомакот, тврда столица … но тоа не е крајот. Кога на сето ова ќе се надоврзат неподносливата главоболка и отоци по целото тело, во вода паѓаат сите наши напори да ја одржиме убавината на телото и духот.

Задржувањето на течност е класичен ПМС симптом, отекувањето почнува и до две недели пред циклусот и се претпоставува дека го предизвикуваат промените во вредностите на половите хормони.

Претераното внесување сол или недостиг на некои витамини може да го зголеми проблемот, па затоа на жените им се советува да побараат помош од лекар. Тој, ако е потребно ќе препорача одредени суплементи во оваа фаза. Воедно на жените им се советува да внесуваат повеќе течности и да се занимаваат со физичка активност, за да се поттикне процесот на елиминација на течностите од бубрезите. Со сличните симптоми се  соочуваат речиси сите жени, но сепак најизразени се кај младите жени во репродуктивниот период.

Ублажување на симптомите

Колку и да е физиолошки оправдана потребата за храна сепак таа треба да се задоволува контролирано. Големата потреба од слатки кај повеќето жени се појавува неколку дена пред почетокот на циклусот и ја снемува со првите денови од циклусот. Основен чекор за решавање на овој проблем е препознавањето на неиздржливата потреба заслатка храна. Потоа следи свесното избегнување на нездрава храна и замена со здрави продукти.

Треба да се бираат продукти кои ќе ги подмират потребите за калории, а воедно и ќе доведат со намалување на предменструалните тегоби, пред с на апетитот. Така на пример кога ви се јаде слатко можете да земете штангличка црно чоколадо кое содржи минимум 70 отсто какао и само малку шеќер. Исто така треба да го зголемите внесувањето на свежо овошје и зеленчук, а особено на сокови од свежо цедено овошје и нане, кое ги ублажува грчевите во стомакот.

Не заборавајте дека стресот и недостигот на сон исто така доведуваат до претерана потреба за храна, особено во ПМС периодот. Когнитивно-бихевиоралната терапија може да помогне во учењето нови техники за намалување на предменструалните психички тегоби. Исто така, физичките вежби се задолжителни бидејќи го намалуваат стресот и помагаат во лачење на ендорфинот кој влијае на расположението.

Од помош може да биде и купка со неколку капки етерично масло од јасмин, гераниум или масло од камилица. Промената на хормоните доведува до чувство на затегнатост и болки во градите. Симптомните можат да се олеснат со продукти богати со витамин Б6, како грав, интегрални житарки, рибино масло, банани и пилешко. Во дневното мени треба да додадете барем една порција богата со овој витамин.

Претераното менструално крварење не е само непријатно, туку може да биде знак за анемија. Ако се повторува од циклус до циклус, треба да посетите гинеколог. Прва помош можат да бидат и билки како ајдучка трева, коприва и сл. Притоа треба да земате повеќе фолна киселина и железо, а и да научите релаксациони техники, бидејќи стресот може да го засили крварењето. Исфрлете го млекото од исхраната, бидејќи прогестеронот од кравјото млеко лошо влијае на акните, а калциумот надокнадете го од други продукти.

Хормоните исто така се заслужни за менструални болки кои се поврзуваат со естрогенот, односно неговото нагло паѓање. За да го одржите естрогенот на стабилно ниво внесувајте храна која содржи растителен естроген како соја, грав, грашок, леќа и ленено семе. Хроничниот замор во овие денови ќе го намалите со јадење храна богата со железо – спанаќ, јајца, грав, интегрални житарки и продукти со низок гликемиски индекс, кои ќе го држат под контрола нивото на шеќер во крвта. Од друга страна треба да избегнувате продукти со шеќер како и кофеин, кои по наглото подигнување на енергијата ќе доведат до уште поголем замор.